ПРВ.мк
Свет

ЕНЕРГЕТСКА ДРАМА: Русија првпат блокира извоз на керозин!

ЕНЕРГЕТСКА ДРАМА: Русија првпат блокира извоз на керозин!

Руската влада за првпат воведе забрана за извоз на авионско гориво, познато како керозин, со цел да се обезбеди стабилност на домашниот енергетски пазар, пренесува ДПА.

Мерката, според официјалното соопштение, ќе важи до крајот на ноември и претставува дел од поширок пакет ограничувања поврзани со енергетскиот сектор.

Од забраната се изземени количините што веќе се наоѓаат на царински терминали или се испорачуваат според претходно потпишани меѓудржавни договори. Дополнително, полнењето авионско гориво за странски авиокомпании на руските аеродроми останува дозволено.

Ова е првпат Москва да воведе вакво ограничување за керозин, по претходните мерки за ограничување на извозот на бензин и дизел.

Зад ваквата одлука стојат нарушувања на енергетската инфраструктура, предизвикани од украински напади врз руските нафтени капацитети, што влијаеле врз производството и преработката на сурова нафта.

Според податоците, Русија бележи пад на рафинирањето на нафта на најниско ниво во последната деценија, а одредени региони веќе воведуваат рестрикции за гориво.

Иако мерката е значајна на домашен план, глобалниот пазар засега не бележи големи потреси, бидејќи Русија учествува со мал дел во светската трговија со авионско гориво.