Пет лица биле повредени откако авион од типот Ербас А320 на „Еуровингс“ наишол на силни турбуленции и воздушни вртложни струи во близина на Сараево за време на летот од Родос кон Келн.
Според специјализираниот портал „Авиејшн Хералд“, инцидентот се случил на 30 мај на летот EW635, кога авионот со регистрација D-AEWS летал на височина од околу 10.970 метри.
Во текот на летот, контролата на воздушниот сообраќај му одобрила на екипажот искачување на повисоко ниво на лет, додека во истиот воздушен простор пред него се движел Ербас А380-800 на „Емирати“, кој летал од Дубаи кон Лондон.
Суперџамбо авионот бил оддалечен околу 14 километри пред А320, а за време на искачувањето, авионот на „Еуровингс“ ненадејно го прекинал маневарот на приближно FL376 и се вратил на пониско ниво, спуштајќи се со брзина до 3.000 стапки во минута.
Според достапните информации, авионот влегол во комбинација од атмосферски турбуленции и вртложни струи создадени од претходниот авион.
Во инцидентот полесно биле повредени четворица патници и една стјуардеса. Според истиот извор, еден член од кабинскиот персонал за време на најсилните турбуленции бил фрлен кон таванот на кабината.
И покрај инцидентот, екипажот го продолжил летот кон Келн, каде медицински екипи биле подготвени по слетувањето. Повредените најпрво добиле помош во авионот, а потоа биле префрлени во болница на дополнителни прегледи.
Истражителите веќе ги обезбедиле снимачот на разговори од пилотската кабина и снимачот на податоци за летот, додека авионот на „Емирати“ без проблеми го продолжил летот кон Лондон.
Авионот на „Еуровингс“ останал на земја во Келн околу четири и пол часа пред повторно да биде вратен во сообраќај, а следниот лет доцнел повеќе од три часа.








