Хрватската полиција поднела кривична пријава против тројца македонски државјани кои се осомничени за оштетување јавен имот во областа Цавтат, откако, според истрагата, поставувале налепници со кирилични букви на сообраќајни знаци и друга јавна опрема.
Случајот, според информациите од полицијата во Дубровничко-неретванската жупанија, бил откриен по повеќе пријави добиени минатата недела од подрачјето на Цавтат.
Истражителите утврдиле дека биле облепени сообраќаен знак, информативна табла и корпа за отпадоци, а од полицијата наведуваат дека со тоа предметите ја изгубиле својата основна функција и препознатливост.
Во полициското соопштение се наведува дека налепниците содржеле кирилични букви, по што започнала истрага за пронаоѓање на осомничените.
Двајца од осомничените биле пронајдени веднаш по пријавата, додека третиот бил лоциран следниот ден, на 30 мај, на аеродром. Станува збор за лица на возраст од 23, 25 и 26 години.
Според информациите од хрватската полиција, сите тројца имале регулиран престој во Хрватска и биле приведени во полициски простории каде што била спроведена кривична постапка.
По завршување на постапката, осомничените биле предадени на притворската единица на Полициската управа Дубровничко-неретванска.







