Силното невреме што попладнево зафати делови од западна Србија зад себе остави сериозни последици, а меѓу најдраматичните сцени се оние од Крагуевац, каде обилните врнежи предизвикаа поплавени улици и проблеми во сообраќајот.
На социјалните мрежи се прошири видео снимено во населбата Пивара, на кое може да се забележат автомобили како се движат низ големи количини вода, оставајќи впечаток како да пловат по улиците.
„Моментална состојба во Пивара: Венеција во српска верзија“, стои во описот на видеото кое брзо се споделува на социјалните мрежи.
Според последните информации од Републичкиот хидрометеоролошки завод, до крајот на денот во повеќе делови од земјата се очекува променливо и нестабилно време, проследено со повремени врнежи и локални грмежи. Најавен е слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Метеоролозите предупредуваат дека во одредени подрачја се можни и поинтензивни грмотевични процеси, проследени со град, пообилни врнежи и засилени удари на ветер, што дополнително може да ја усложни состојбата на терен.








