Украински воени експерти објавија видео од неидентификуван летачки објект снимен за време на борбени операции, што веднаш предизвика лавина реакции и шпекулации за неговото потекло.
Снимката ја објавил Серhиј „Флеш“ Бескрестнов, советник во украинското Министерство за одбрана за технологии и беспилотни системи, кој споделил фотографии и видео материјал од објект забележан од украински дрон за време на лет на околу 800 метри над земјата.
Според описите, на инфрацрвената снимка се гледа необичен, сплескан сферичен објект со повеќе испакнатини и топлински извор во центарот, што дополнително ја зголемило мистеријата околу неговата природа. Зад објектот се забележува и трага која изгледа како топол воздух или движење низ атмосферата.
Видеото брзо се проширило на социјалните мрежи, каде што дел од корисниците го споредуваат со претходно објавени снимки од американските воени архиви за НЛО, објавени од Пентагон.
Украинските воени извори нагласуваат дека сите вакви појави се третираат како потенцијална закана, бидејќи во услови на интензивна војна најчесто се покажува дека непознатите летачки објекти се всушност воени средства, најчесто дронови или ракети.
Според Бескрестнов, украинската армија сериозно ги анализира ваквите случаи, бидејќи постои можност тие да претставуваат нови типови воена технологија или системи што се користат на бојното поле.
Воените аналитичари сепак нагласуваат дека во моментов нема никакви докази дека станува збор за вонземски објект, а најверојатните објаснувања остануваат поврзани со современа воена опрема и електронско војување.
Настанот повторно го отвори прашањето колку современото бојно поле е исполнето со неидентификувани и тешко објасниви појави, особено во услови на интензивна употреба на беспилотни системи и напредна воена технологија.








