ПРВ.мк
Свет

МИЛКА ПОД ЛУПА НА СУДОТ: Дали познатата чоколада е „потенка измама“ за потрошувачите?

МИЛКА ПОД ЛУПА НА СУДОТ: Дали познатата чоколада е „потенка измама“ за потрошувачите?

Во Германија започна судски процес кој може да има големо влијание врз начинот на кој се продаваат прехранбените производи во Европа, откако производителот „Mondelez“ се најде на удар поради наводи дека ја намалил тежината на популарните Милка чоколади, без тоа јасно да го истакне на начин забележлив за потрошувачите.

Случајот се разгледува пред регионалниот суд во Бремен, кој треба да одлучи дали компанијата ги довела купувачите во заблуда со промена на тежината на производот, додека амбалажата останала речиси иста.

Според тужбата поднесена од Агенцијата за заштита на потрошувачи од Хамбург, класичната табла чоколадо која претходно тежела 100 грама, сега е намалена на 90 грама. Дополнително, се наведува дека промената во дебелината е минимална и речиси незабележлива, додека визуелниот дизајн на пакувањето останал непроменет, што може да создаде впечаток дека производот е ист како претходно.

Овој случај го отвора прашањето за таканаречената „шринкфлација“ – практика во која производителите ја задржуваат истата цена, но ја намалуваат количината на производот. На тој начин, потрошувачите реално добиваат помалку производ за истите пари, често без веднаш да ја забележат промената.

Во своја одбрана, „Mondelez“ ги отфрла обвинувањата, истакнувајќи дека тежината на чоколадото е јасно наведена на амбалажата и дека сите информации се во согласност со важечките законски прописи.

Исходот од овој случај се очекува со големо внимание, бидејќи може да постави важен преседан за тоа како компаниите во иднина ќе ги менуваат количините на производите и колку транспарентно ќе мора да ги информираат потрошувачите за таквите промени.