Околу 12.000 луѓе биле евакуирани од концертната арена „Co-op Live“ во Манчестер, Англија, откако за време на настап на американскиот рапер Дон Толивер била испуштена засега непозната супстанција, поради која на десетици посетители им се слошило.
Инцидентот се случил во неделата вечерта, на 22 ноември, а полицијата прогласила вонредна состојба откако околу 22 часот добила известување од персоналот на арената.
Според информациите што ги пренесува Би-Би-Си, повеќе од 80 лица биле прегледани од медицинските екипи поради проблеми со очите и дишните патишта, додека едно лице било пренесено во болница.
Посетителите раскажувале дека почувствувале силна, непријатна миризба, по што дел од нив почнале да се гушат и да чувствуваат печење во очите.
Првичните сомневања биле дека станува збор за солзавец, но британската полиција нагласила дека сè уште не е утврдено каква супстанција била испуштена, ниту како дошло до инцидентот.
Покрената е истрага за утврдување на сите околности.
Полицијата ги повикала сите посетители што чувствуваат здравствени тегоби по концертот веднаш да побараат медицинска помош.
Претставничката на полицијата Стеф Паркер изјавила дека безбедноста на присутните била главен приоритет при интервенцијата.
Од арената „Co-op Live“ соопштиле дека целосно соработуваат со истражните органи.
Поради инцидентот, концертот на Дон Толивер закажан за понеделник во лондонската арена „О2“ бил одложен за 15 декември.
Причината за испуштањето на непознатата супстанција засега останува неразјаснета.









