ПРВ.мк
Свет

АЛБАНИЈА ВОВЛЕЧЕНА ВО ШПЕКУЛАЦИИ ЗА НАПАД ВРЗ РУСИЈА: Се тврди дека дронови тргнале од нејзина територија – Тирана демантира!

АЛБАНИЈА ВОВЛЕЧЕНА ВО ШПЕКУЛАЦИИ ЗА НАПАД ВРЗ РУСИЈА: Се тврди дека дронови тргнале од нејзина територија – Тирана демантира!

Реакцијата на Тирана следува по објавите на социјалните мрежи и во дел од медиумите, според кои беспилотните пловила наводно поминале повеќе од 800 километри преку Средоземното Море, пред да стигнат до руската корвета.

Албанските власти категорично отфрлија каква било поврзаност со операцијата.

Од Министерството за одбрана соопштиле дека албанските вооружени сили не учествувале во нападот, ниту обезбедиле логистичка или друга поддршка.

За потеклото на дроновите се појавија две различни верзии.

Според „Clash Report“, тие биле лансирани од Албанија, додека „Ал Џезира“, повикувајќи се на информации од Асошиејтед прес, пренесува тврдења на либиски воени претставници дека дроновите тргнале од база во западна Либија.

Ниту една од овие верзии засега не е независно потврдена.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјавил дека украинските сили ја потопиле руската корвета со седум поморски дронови од домашно производство.

Според неговите тврдења, во операцијата биле уништени и руски хеликоптер Ка-27 и товарниот брод „Ангара“, кој наводно бил користен за транспорт на оружје.

Медиумските извештаи наведуваат дека корветата претрпела сериозни оштетувања, а сателитски снимки наводно покажуваат дека голем дел од бродот завршил под вода.

Се појавија и информации за повредени лица, но деталите за евентуалните жртви не се официјално потврдени.

Руската корвета „Меркуриј“ е во употреба од 2023 година, долга е 104,5 метри и располага со ракетно и торпедно вооружување.

Засега останува неразјаснето од каде точно биле лансирани дроновите, додека Албанија инсистира дека нема никаква поврзаност со нападот.