Страшна семејна трагедија ја потресе Германија, откако во стан во градот Кел биле пронајдени пет безживотни тела, меѓу кои и три деца.
Според информациите што ги пренесуваат германските медиуми, првите сомнежи дека нешто не е во ред се појавиле во понеделникот наутро, кога децата не пристигнале на училиште.
Околу 11:30 часот, откако никој не одговарал на ѕвонењето на вратата од станот во населбата Кел-Сундхајм, била повикана полицијата.
При обидот за влез, еден полициски службеник и жена сведок биле изложени на гас, поради што добиле полесни повреди и биле пренесени во болница.
На местото веднаш пристигнале и противпожарни екипи, кои го провериле просторот и утврдиле кога е безбедно истражителите да влезат.
Во станот биле пронајдени телата на пет лица, за кои се претпоставува дека се членови на исто семејство – татко, три деца и уште една жена.
Полицијата соопштила дека уште две деца биле згрижени од екипите на итната медицинска помош.
Поради сомнежите за истекување гас, пожарникарите ги провериле и останатите станови во зградата за да утврдат дали постои опасност за другите жители.
Според првичните информации, меѓу соседите немало повредени.
Криминалистичката полиција започнала детална истрага за причините за трагедијата.
Се испитува дали дошло до технички дефект што предизвикал истекување гас или постојат околности што би укажувале на можно кривично дело.
Засега официјално не е утврдена причината за смртта на петте лица.









