Припадникот на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, кој беше тешко повреден во несреќа, засега се наоѓа во стабилна состојба, откако лекарите успешно го реанимирале во Ургентниот центар во Скопје.
Нови информации за неговата здравствена состојба сподели Мартин Ефремов, член на Независниот полициски синдикат, кој откри дека повредениот специјалец е сопруг на неговата сестра.
Според Ефремов, брзата и професионална реакција на колегите од единицата одиграла исклучително важна улога во обезбедувањето итна медицинска помош.
Тој наведува дека повредениот бил пренесен од касарната до Ургентниот центар за приближно четири минути, каде што медицинските екипи успешно го реанимирале.
„Колегата е мој зет за сестра, кој благодарение на екстремно брзата и максимално професионална реакција на колегите од единицата бил пренесен од касарната до Ургентниот центар за околу четири минути“, изјави Ефремов.
Тој нагласи дека токму благодарение на оваа реакција семејството денес има надеж за неговото закрепнување.
Повредениот специјалец е под постојан, 24-часовен надзор, додека неговите колеги од единицата обезбедуваат поддршка за семејството.
Ефремов во својата изјава апелираше јавноста да не избрзува со обвинувања и заклучоци за несреќата.
Според него, постојат несреќни случаи за кои не мора секогаш да се бара виновник, особено пред да бидат утврдени сите околности.
„Заедно се молиме за него и се надеваме дека сè добро ќе се заврши“, порача Ефремов.
Засега нема дополнителни официјални информации за тежината на повредите и понатамошниот тек на лекувањето.







