Соединетите Американски Држави и Израел повторно ја разгледуваат можноста за голема заедничка воена операција против Иран, додека расте притисокот врз американскиот претседател Доналд Трамп да донесе одлука пред крајот на годината.
Според информациите што ги пренесува босанскиот портал „Фактор“, повикувајќи се на американскиот медиум The American Conservative, дел од американските и израелските функционери се залагаат за обновување на воените операции против Техеран.
Во извештајот се наведува дека американската Централна команда предупредила оти продолженото засилено воено присуство на Блискиот Исток и по декември би можело негативно да влијае врз борбената подготвеност на американските сили.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, според медиумските наводи, во последните недели ги засилил предупредувањата за заканата што Иран ја претставува за Израел.
Тој се залага за заедничка американско-израелска воена операција, но засега нема официјална потврда дека е донесена одлука за нов напад.
Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи порача дека Техеран и понатаму дава предност на дипломатско решение.
Тој потврдил дека комуникацијата меѓу Иран и САД продолжува преку посредство на трети држави.
Во меѓувреме, внимание привлекле и изјавите на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој избегнал директно да ја оценува претходната одлука за воена акција против Иран.
Венс нагласил дека одлуките за започнување војна се во надлежност на американскиот претседател и дека неговата задача е да го поддржува.
Засега останува неизвесно дали Вашингтон ќе се одлучи за нова воена операција или ќе продолжат дипломатските контакти со Техеран.








