Нови информации за инцидент во Психијатриската клиника „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир предизвикаа внимание во хрватската јавност, откако беше потврдено дека пациент кој бил физички ограничен во движењето се здобил со изгореници при пожар во болницата.
Вршителката на должноста директор на клиниката, Лидија Храстиќ-Новак, во изјава за Дневник на Нова ТВ објасни дека инцидентот се случил во септември.
Според неа, пациентот предизвикал помал пожар додека се обидувал да запали цигара што претходно ја сокрил во облеката.
„Пациентот беше хумано врзан, многу благо“, изјавила Храстиќ-Новак, нагласувајќи дека, според нејзините сознанија, ограничувањето на движењето било доброволно.
Повредениот пациент бил пренесен во Клиниката за трауматологија поради изгорениците.
На местото интервенирале полицијата, пожарникарите и итната медицинска помош, а полицијата побарала медицинска документација и снимки од видеонадзорот.
Особено внимание предизвика информацијата дека Министерството за здравство не било известено за случајот.
Храстиќ-Новак изјавила дека, според нејзините сознанија, не бил спроведен посебен внатрешен надзор за пожарот, бидејќи на местото веќе интервенирале надлежните служби.
Случајот стана познат во јавноста по смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој починал на 21 октомври при интервенција во истата клиника.
Во врска со неговата смрт, осум здравствени работници биле испратени во истражен притвор под сомнение за тешко убиство. Нивната кривична одговорност допрва треба да се утврди.
Хрватското Министерство за здравство најавило итен состанок со загрепскиот градоначалник Томислав Томашевиќ и надлежната градска претставничка Лора Видовиќ.
Директорката потврдила и дека здравствената инспекција утврдила одредени пропусти во работењето на установата, по што најавила построго почитување на процедурите.








