Германскиот автомобилски гигант Mercedes-Benz се соочува со значајна трансформација – не само во технолошка, туку и во кадровска смисла. Според информациите на Handelsblatt, во последните неколку месеци дури 4.000 вработени ја напуштиле компанијата, прифаќајќи високи доброволни отпремнини кои во некои случаи надминуваат половина милион евра.
Овој масовен одлив е резултат на програмата за доброволно заминување, која започнала во април 2025 година. Таа им била понудена на сите категории на вработени – од административен персонал и ИТ експерти, до инженери и менаџери од средно ниво.
Најголемата привлечност ја имал таканаречениот „turbobonus“, со кој оние што побрзо се одлучиле за заминување добиле дополнителни бонуси. Пример: 55-годишен тим лидер со 30 години стаж и месечна плата од 9.000 евра добил 540.000 евра отпремнина. Дури и вработени со пократок стаж заминале со над 100.000 евра, зависно од нивната позиција и плата.
Иако на прв поглед овие суми изгледаат енормни, економистите ја гледаат оваа стратегија како паметен потег на долг рок. Со овие исплати, Mercedes избегнува принудни отпуштања и потенцијални судски процеси, а истовремено ја намалува вкупната плата маса и отвора простор за нови кадри со технолошки профил, потребни за иднината на брендот.
Според проценките на Handelsblatt, оваа кадровска оптимизација ќе му донесе на Mercedes заштеда од неколку милијарди евра во следните години. Тоа е дел од поширока стратегија на компанијата за финансиска стабилизација и адаптација на новата реалност на електрични возила, софтверски решенија и дигитални услуги.
Слични програми за доброволно заминување веќе спроведоа и други германски автомобилски гиганти – Volkswagen, BMW и Audi, кои исто така минуваат низ сериозни структурни промени поради преминот кон електричен погон и дигитализација на производството.
Од економска гледна точка, Mercedes со оваа стратегија купува флексибилност за следната деценија – прилагодувајќи ја својата работна сила на новите пазарни услови. Исплатата на високи отпремнини изгледа скапо на краток рок, но на долг рок претставува инвестиција во одржливост, иновации и конкурентност.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк