ПРВ.мк
Свет

МАЛИТЕ СИПАНИЦИ ПОВТОРНО СЕ ШИРАТ: Се бележи раст на заразените, експертите предупредуваат на опасен тренд!

МАЛИТЕ СИПАНИЦИ ПОВТОРНО СЕ ШИРАТ: Се бележи раст на заразените, експертите предупредуваат на опасен тренд!

Речиси 3.000 случаи на мали сипаници се регистрирани во Турција од почетокот на оваа година, а како главни причини за зголемувањето се посочуваат намалената покриеност со вакцинација и пропустите во следењето на имунизацијата. Здравствените експерти предупредуваат на ризик од нови епидемии, објави електронското издание на „Хуриет дејли њуз“, повикувајќи се на податоци од Турската медицинска асоцијација и специјалисти за заразни болести.

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека бројот на регистрирани случаи во Турција бележи значителен пораст во изминатите години. Во 2022 година биле евидентирани 127 случаи, во 2023 година бројката се зголемила на 500, во 2024 година достигнала 1.500, а во 2025 година биле регистрирани околу 2.000 случаи.

Според експертите, ширењето на болеста е поврзано со повеќе фактори, меѓу кои намалената стапка на вакцинација, осцилациите во спроведувањето на имунизацијата и недоволното следење на вакциналниот статус на населението.

Покриеноста со вакцината против мали сипаници во Турција паднала на околу 92 проценти. Експертите нагласуваат дека за да се спречи понатамошното ширење на вирусот, неопходно е најмалку 95 проценти од населението да биде вакцинирано.

Малите сипаници се меѓу најзаразните вирусни заболувања. Според стручните лица, едно заразено лице може да го пренесе вирусот на 16 до 18 други лица, што го прави особено тешко спречувањето на ширењето кога имунизацијата не е на потребното ниво.

Вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола, позната како ММР, во Турција се дава бесплатно во рамките на националната програма за имунизација.

Специјалистката за заразни болести Сонгул Озер предупредува дека болеста сè почесто не ги погодува само децата, туку и возрасните. Овој тренд дополнително ја зголемува загриженоста кај здравствените работници, особено поради можните последици од инфекцијата.

Според експертите, околу 30 проценти од регистрираните случаи се придружени со најмалку една компликација. Меѓу нив се пневмонијата, енцефалитисот, односно воспалението на мозокот, и субакутниот склерозирачки паненцефалитис — ретка, но тешка компликација што може да се појави по прележани мали сипаници.

Зголемувањето на бројот на заразени и намалувањето на вакциналната покриеност повторно го отвораат прашањето за важноста на редовната имунизација како клучна мерка за спречување на ширењето на болеста.

Најнови вести