Во селото Ваташа е направен значаен чекор кон зачувувањето на историјата и споменот за еден од најголемите борци – Димката Ангелов Габерот. Неговите внуци одлучија родната куќа да ѝ ја отстапат на Општина Кавадарци.
Имотот кој се наоѓа во непосредна близина на Спомен-куќата на Страшо Пинџур, преку овој благороден гест добива нова историска димензија. Овој чин претставува не само зачувување на културното наследство, туку и исправување на долгогодишната историска неправда кон Габерот, чиј лик и дело заслужуваат достојно место во колективната меморија.
Објектот ќе прерасне во нов спомен-дом
Во наредниот период е предвидена соодветна реконструкција, санација и внатрешно уредување на објектот. Целта на Општина Кавадарци е родната куќа да прерасне во спомен-куќа која преку музејска поставка ќе сведочи за неговиот живот, дело и непроценлив придонес во македонската борба за слобода.
Со оваа иницијатива, историското село Ваташа добива уште едно значајно спомен-обележје, а идните генерации и посетители место каде што ќе можат одблизу да се запознаат со минатото и со хероите кои ги дадоа своите животи за татковината.
„Историјата не смее да биде заборавена, а делата на нашите херои заслужуваат вечна почит и достоинствено сеќавање“, порачуваат од Општина Кавадарци.





