Жесток одговор и „цврста рака на државата“ со користење на уредбата за јавен ред и мир, би можела да се најде на масата на Советот на министри уште денеска попладне. Стратегијата на владата на Италија добива јасни контури по уличните судири и уништувањата во градовите во текот на изминатиот викенд.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони зборуваше за новиот законски механизам насочен „против оние кои легитимните протести ги злоупотребуваат за сеење насилство и хаос“. Извесно е засилување на операцијата „Безбедни улици“ со 500 дополнителни војници кои веднаш пристигнуваат во Милано.
Се разгледува и:
- продолжување на превентивното задржување до 24 часа – и тоа дури и за малолетници
- поострување на превентивните мери како што е полициското „усмено предупредување“
- воведување кривично дело тешко оштетување имот
- задолжително апсење закршење и грабежи за време на демонстрации
- и забрана за собири
Не се исклучени ниту значително поригорозни мери – ограничувања во доделувањето државјанство за малолетни странски државјани.
Ситуацијата вчера детално беше анализирана на кризниот состанок кој траеше час и половина во Палатата Киџи. Претседаваше Мелони, а на состанокот присуствуваа италијанските потпретседатели Матео Салвини (преку видеоповик), како и потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи на Италија Антонио Тајани, подсекретарите Алфредо Мантовано и Џованбатиста Фацолари, министрите за внатрешни работи, одбрана и земјоделство, но и челниците на полицијата и безбедносните служби, кои поднесоа детални извештаи за нередите во Милано, Торино и Болоња.
Дел од состанокот беше посветен на анализа на новиот бран улично насилство, кое добива значително поинакви контури и потешко е да се предвиди во споредба со блиското минато, пишува италијанскиот портал „Кориере дела Сера“. Потоа се премина на конкретни чекори, потпирајќи се и на предлозите кои веќе претходно беа во оптичај: подсекретарите за полиција и правда, Никола Молтени и Андреа Остелари (двајцата од „Лига“), истакнаа дека нивната партија стои зад иницијативата за „продолжување на превентивниот притвор и поострување на мерите за превенција, почнувајќи од полициските опомени“.
На војската полициски овластувања на три месеци
На состанокот беше повторена „цврстата решеност“, која премиерката веќе ја изнесе на социјалните мрежи, да се „гарантира слободата на мирно собирање“, но и непоколебливиот став дека „веднаш ќе се одговори“ на „криминалното и хулиганското однесување“. Мерите, од кои дел беа предложени од самата полиција, се насочени и кон превенција и кон остра репресија, како што е испраќањето на уште 500 војници во Милано.
„За тоа да има каков било смисол, неопходно е владата да усвои прописи кои на војската ќе ѝ овозможат да постапува како полиција во период од три месеци, со цел да им даде поддршка на карабинерите, редовната и финансиската полиција во сузбивањето на ваквите појави“, порача италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето.
Исто така, се пооструваат и прописите за блокада на патиштата, при што војската директно ќе соработува со полицијата за нивно отстранување.
Приведување малолетници и притвор до 24 часа
Превентивното задржување во моментов се применува само на полнолетни лица и тоа до најмногу 12 часа, исклучително за време на јавни собири кога постои непосредна опасност по редот и мирот. Со предлог-законот за безбедност кој се наоѓа во Сенатот веќе е предвидено продолжување на тој рок на 24 часа. Таа мера сега би можела да биде пренесена директно во вонредна владина уредба.
Најважната новина е тоа што мерата се проширува и на малолетници: полицијата би добила одврзани раце да приведе и во станица да задржи помлади од 18 години дури и ако не извршиле кривично дело, под услов да постојат конкретни податоци кои укажуваат на тоа дека се опасни. Втората голема промена е воведувањето на „одложено апсење на дело“ за учесници во групен вандализам: полицијата добива можност да ги апси изгредниците дополнително, дури и ако не ги фатила на лице место, врз основа на видеоснимки или фотографии.
Во меѓувреме, партијата „Лига“ поднесе „пакет мери против грабежи“. Амандманот предвидува правосилната пресуда за напад врз полицијата или за пустошење и грабеж да им оневозможи на децата на странци родени во Италија по полнолетноста да добијат државјанство, односно да се отвори можност за негово одземање.
Забрана за движење и собирање за изгредници со досие
Многу е веројатно и воведувањето на кривично дело криминално здружување за насилни демонстранти, што од самиот почеток го застапува владејачката партија „Браќа на Италија“.
Станува збор за проширување на постојното правило, кое во иднина ќе ги опфаќа и малолетниците. Оваа превентивна мера подразбира дека полициската управа може да издаде официјална забрана за млади кои веќе се евидентирани по насилство и групни напади – било на политички собири, во улични тепачки, ноќни нереди или како членови на малолетнички банди.
За секој за кого постои „основан сомнеж дека може да ја загрози јавната безбедност“, полицијата ќе може да забрани престој на одредено место или присуство на одреден настан.
„Пишуваш на TikTok дека се спремаш да кршиш продавници во Комо? Нема ни да му пријдеш на Комо, па макар имал и 14 години“, порача вчера Салвини.
Оваа мера веќе се наоѓаше во редовна процедура, но бруталните нереди во Милано ја натераа владата да пресече и да ја усвои веднаш, преку вонредна уредба.







