ПРВ.мк
Балкан

ЕДИ РАМА: „Никој не може да ме собори!“

ЕДИ РАМА: „Никој не може да ме собори!“

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека неодамнешните протести во земјата се користат како средство за хибридна војна, дестабилизација и попречување на процесот на преговори со Европската Унија. Тој порача дека владата нема да биде соборена со сила, без оглед на притисоците и случувањата на улиците.

Рама ги изнесе овие ставови на средба со директори на средни училишта во Министерството за образование, посветена на учеството на адолесценти во насилни инциденти и напади врз полицијата.

Според албанскиот премиер, протестите не се поврзани со вистинските потреби и интереси на учениците, туку станува збор за организиран напад, во кој учествуваат обучени поединци, а зад поттикнувањето на случувањата, како што тврди тој, стојат и странски актери.

„Каменот во раката на некој што го фрла кон полицијата е оружје. Овој бран на насилство мора да запре“, изјави Рама.

Тој ги отфрли обвинувањата дека полицијата употребувала непропорционална сила за време на немирите, посочувајќи дека во инцидентите биле повредени околу 200 полицајци и 80 демонстранти.

Премиерот упати критики и кон дел од медиумите, обвинувајќи ги дека свесно придонесуваат општествената загриженост да се претвори во гнев, со крајна цел да се предизвика соборување на владата.

И покрај острите пораки, Рама нагласи дека е подготвен да разговара со секој што има политичка алтернатива и сака да понуди поинаква насока за земјата. Сепак, тој беше дециден дека насилството нема да доведе до промена на власта.

Особено внимание посвети на учеството на малолетници во немирите, најавувајќи дека ќе бидат разгледани строги административни мерки за да се спречи нивното вклучување во насилни инциденти.

Меѓу најавените предлози се финансиска одговорност на родителите за штетата што ќе ја предизвикаат нивните деца, можност за намалување на старосната граница за кривична одговорност, како и потенцијално ограничување на пристапот до социјалните мрежи за лицата помлади од 16 години.