ПРВ.мк
Свет

Макрон уверува: Ниту офанзивата, ниту анексијата нема да го запрат признавањето на Палестина

Макрон уверува: Ниту офанзивата, ниту анексијата нема да го запрат признавањето на Палестина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска истакна дека никакви офанзиви, обиди за анексија или присилно преместување на населението нема да го сопрат меѓународниот процес за признавање на палестинската држава.

– Ниедна офанзивна активност, обид за анексија или преместување на населението нема да ја запре динамиката што ја започнавме заедно со престолонаследникот, а на која веќе се придружија многу партнери, рече Макрон по средбата со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, пренесува „Фигаро“.

Тој нагласи дека иницијативата се движи кон поширока меѓународна поддршка за палестинската државност и дека многу партнери веќе учествуваат во неа. Макрон остро ја критикуваше и одлуката на САД да не издаваат визи за палестинските претставници за претстојното Генерално собрание на ОН, оценувајќи ја како неприфатлива и повикувајќи на нејзино повлекување.

Франција планира да ја признае палестинската држава на Генералното собрание на ОН во септември 2025 година.

Од друга страна, израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар го критикуваше Макрон, нарекувајќи го „опасен“ заради мешањето во конфликтот и предупредувајќи дека постапките на францускиот претседател ја поткопуваат стабилноста и меѓународниот систем.

– Неговите постапки нема да донесат мир ниту безбедност, истакна Сар, оценувајќи дека Макрон се однесува надвор од реалноста на теренот по 7 октомври.

Escape