Во продолжение од денешната работна посета во Велес, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со директорот на Музејот на Велес, Ангел Коруновски, ја посетија музејската институција и извршија увид на спомен-куќите на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Кочо Рацин и Васил Главинов – личности кои длабоко се вградени во историјата на македонската култура, образование и општествена мисла.

Министерот Љутков истакна дека оваа посета е дел од континуираните заложби за стратешко планирање и унапредување на системот за заштита на културното наследство во целата држава, со посебен фокус на теренската проценка и вклученоста на стручната јавност во носењето на клучни одлуки.

Во рамки на Годишната програма на Министерството за култура и туризам за 2025 година, за поддршка на проекти во Велес се издвоени околу 20 милиони денари. Оваа инвестиција претставува значаен придонес во заштитата, презентацијата и афирмацијата на културното наследство, како и во унапредувањето на активностите на културните институции во регионот.

Министерот Љутков нагласи дека со вакви активности се јакне локалната културна сцена и се создаваат услови за трајна промоција на богатата македонска историја и културно наследство.







