При ископ за поставување електричен кабел во близина на тетовското село Стенче минатата година биле пронајдени повеќе керамички предмети, што довело до откривање на досега непознат археолошки локалитет.
Откако локалните жители го информирале Музејот на Тетово, стручни екипи излегле на терен и утврдиле дека станува збор за ново археолошко наоѓалиште. Локалитетот е наречен „Под Брегови Долна Цеста – село Стенче“, според местото каде што се наоѓа, на околу еден и пол километар под селото, во близина на реката Вардар.
По изработката на проект и обезбедувањето средства од Министерството за култура и туризам, на почетокот на месецов започнале археолошките ископувања.
Археологот-кустос во Музејот на Тетово, Игор Толевски, објаснува дека првичните ископувања не покажале знаци на значајни наоди, но со продлабочувањето на сондата биле откриени остатоци од доцноантичка куќа.
„На речиси еден метар се открија остатоци од една доцноантичка куќа, која ја потврдивме според подното ниво. Најдовме големо количество доцноантичка керамика, таканаречена сива македонска керамика од тој период. На подот откривме и неколку монети, кои го потврдија егзистирањето на куќата од средината на 4 век од новата ера“, вели Толевски.
Истражувањата потоа продолжиле подлабоко, каде археолозите утврдиле дека доцноантичката куќа била изградена врз постар слој од неолитскиот период. Во моментов се работи на истражување на подното ниво од неолитската куќа.
Регионот околу Стенче и претходно бил познат како богат археолошки простор, со наоди од различни периоди – од неолитот, преку античката епоха, до ранохристијанскиот период.
Во близина се наоѓа неолитскиот локалитет „Под Тумба Стенче“, каде што бил откриен жртвеник со антропоморфна форма познат како „Големата Мајка“, како и остатоци од куќи, печки, садови и други предмети од неолитот.
Над селото се наоѓа и тврдината Градиште, локалитет од доцната антика, кој според археолозите опстојувал од времето по Диоклецијан и Константин, а најверојатно бил обновен во времето на Јустинијан. Особено значајна е неговата базилика со три крстилници од 5 или 6 век.
Археолозите очекуваат новиот локалитет кај Стенче да донесе дополнителни сознанија за животот на населението во овој регион низ илјадници години.










