Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денес ја започна својата работна посета во родниот Велес од манастирската црква „Св. Димитрија“, свето место кое отсекогаш било дел од духовниот и културниот идентитет на градот. Заедно со Александар Јорданоски, директор на Националниот конзерваторски центар, министерот лично ги согледа состојбите на терен, идентификувајќи ги потребите и приоритетите за натамошна заштита, конзервација и валоризација на културното наследство.

Црквата „Св. Димитрија“ е заштитено културно добро и претставува еден од највредните споменици на духовната и уметничката традиција во Македонија. Особено значајна е уникатната фреска „Страшниот суд“, која сведочи за високото ниво на фрескопис и богатата религиозна историја на нашите простори.

Во тековната 2025 година, во рамките на проекти за конзервација, се реализирани дополнителни истражувачки работи за утврдување на автентичниот живопис од 13 век во наосот и олтарот на црквата, користејќи термичка камера – инфрацрвена термографија и мануелно отворање сонди на ѕидното сликарство. Дополнително, извршена е и дигитална реконструкција на натписот од ктиторскиот портрет во припратата на црквата.

Министерот Љутков потенцира дека мисијата на Министерството е да го сочува и достојно промовира ова свето место и неговото непроценливо културно богатство, како трајно сведоштво за духовниот и уметничкиот идентитет на Македонија.
