ПРВ.мк
Спорт

ЖФК Борец - Велес достојно ја претставува Македонија на меѓународниот турнир во Торино

ЖФК Борец - Велес достојно ја претставува Македонија на меѓународниот турнир во Торино

Женскиот фудбалски клуб Борец- Велес учествува на меѓународниот фудбалски турнир што се одржува на 27 и 28 јуни во Торино, Италија, во организација на италијанскиот клуб Cit Turin LDE и со поддршка на програмата Erasmus+ Sport.

ЖФК Борец е единствениот претставник од Македонија на оваа значајна спортска манифестација, на која учествуваат екипи од Италија, Франција, Словачка, САД и Македонија. Покрај домаќините Cit Turin LDE и ASD Borgo Vittoria од Италија, на турнирот учествуваат и FC Tatran Prešov (Словачка), Grenoble Foot 38 (Франција), Selectivo San Diego (САД), Academia Torino и Torino FC (Италија).

Во рамките на престојот во Торино, фудбалерките и стручниот штаб на ЖФК Борец имаа можност да го посетат стадионот „Алијанц“ и музејот на еден од најголемите европски клубови - Јувентус. Посетата претставуваше незаборавно искуство и дополнителна мотивација за младите фудбалерки, кои за првпат имаа можност одблиску да се запознаат со историјата, традицијата и успесите на славниот италијански клуб.

Учество на вакви меѓународни настани претставува значајна можност за спортски развој, стекнување нови искуства и промоција на македонскиот женски фудбал на европската сцена.