ПРВ.мк
Свет

СЗО бара одговори, мајката на Дарја категорична: Не беше лабораториска несреќа

СЗО бара одговори, мајката на Дарја категорична: Не беше лабораториска несреќа

Мајката на 28-годишната руска научничка Дарја Шипилова, чија смрт во Сибир предизвика серија шпекулации за можна зараза со чума, тврди дека нејзината ќерка не настрадала поради инцидент во лабораторијата, туку поради несоодветен и задоцнет медицински третман.

Светлана Шипилова, која и самата е медицински работник, во интервју за рускиот независен медиум „Глубина“ изнела сериозни обвинувања на сметка на болницата во градот Шелехов.

Според неа, Дарја не добила навремена медицинска помош откако развила висока температура и нејзината здравствена состојба почнала брзо да се влошува.

Мајката тврди дека болничкиот персонал предолго чекал со соодветната терапија и дека не биле преземени итни мерки во моментите кога состојбата станала критична.

Дарја Шипилова работела како техничарка во сибирскиот Истражувачки институт за борба против чума во Иркутск, а починала на 2 октомври во болницата во Шелехов.

По нејзината смрт во јавноста се појавија информации дека можеби била изложена на опасен патоген на работното место, но нејзината мајка категорично ја отфрла таквата можност.

Официјалната причина за смртта и натаму е предмет на различни информации и толкувања.

Според објавените извештаи, руските институции во еден момент објавиле информации што го поврзувале случајот со чума, но тие подоцна биле повлечени.

Руските власти во меѓувреме соопштија дека нема потврдена епидемиолошка криза ниту докази за ширење на чума.

Случајот привлече и меѓународно внимание, а според медиумските извештаи Светската здравствена организација побарала дополнителни информации и појаснувања од руските власти.

Засега нема официјална потврда дека Шипилова била заразена со чума, а тврдењата на нејзината мајка за лекарска негрижа остануваат обвинувања кои допрва треба да бидат утврдени од надлежните институции.

Најнови вести