ПРВ.мк
Македонија

УХМР најавува нестабилно време: Пороен дожд, грмежи и засилен ветер во повеќе делови од земјава

УХМР најавува нестабилно време: Пороен дожд, грмежи и засилен ветер во повеќе делови од земјава

Променливо и нестабилно време со повремени врнежи од дожд ќе се задржи до средината на следната седмица, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Причина е циклонската активност која ќе услови локално поинтензивни врнежи, засилен ветер и појава на грмежи.

На одредени места се очекуваат пообилни врнежи, при што количеството дожд може да надмине 20 литри на квадратен метар, особено во недела.

Локално се можни и услови за невреме, проследено со пороен дожд, силен ветер и грмежи.

Од понеделник времето дополнително ќе се промени. Ќе дува засилен северен ветер, а дневните температури ќе почнат да се намалуваат.

Уште постуден воздушен бран се очекува во вторник.

Под негово влијание, на некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во снег.

Нестабилното време, според прогнозите, ќе продолжи до средината на следната седмица.