ПРВ.мк
Македонија

Македонија добива дигитален паричник: Први пристигнуваат личната карта и возачката дозвола

Македонија добива дигитален паричник: Први пристигнуваат личната карта и возачката дозвола

Министерството за дигитална трансформација на 28 октомври ќе ја промовира новата мобилна апликација „м.Услуги“, преку која граѓаните ќе можат да пристапуваат до дел од своите лични документи и административни услуги директно преку мобилен телефон.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека апликацијата ќе биде бесплатна и ќе може да се преземе преку Google Play за корисниците на Андроид и преку App Store за корисниците на iOS.

За најава ќе се користи постојниот кориснички профил од националниот портал uslugi.gov.mk, што значи дека граѓаните кои веќе имаат профил нема да треба да создаваат нов кориснички идентитет.

Во првата фаза преку апликацијата ќе бидат достапни електронски верзии на личната карта и возачката дозвола, како и уште три административни услуги.

Според Андоновски, ова е само почеток на проектот, а целта е „м.Услуги“ постепено да прерасне во целосно функционален дигитален паричник.

Во следните фази се планира интегрирање на здравствени податоци, дополнителни документи и поголем број јавни услуги.

Користењето на апликацијата ќе биде доброволно, односно граѓаните сами ќе одлучуваат дали сакаат да ги користат дигиталните можности што таа ги нуди.

Паралелно со пуштањето на апликацијата, државните институции ќе треба постепено да ги приспособуваат своите процедури, подзаконски акти и технички системи за да можат да ги прифаќаат дигиталните документи во секојдневното работење.

Официјалното претставување на „м.Услуги“ е најавено за 28 октомври, кога треба да бидат познати и повеќе детали за начинот на користење на новата платформа.