Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение против Фатмир Шехоли, кој се товари за „шпионажа“ и „изнуда“. Според обвинението, тој соработувал со српската Безбедносно-разузнавачка агенција (БИА), собирајќи информации за политичките процеси, безбедносната состојба и работата на косовските институции.
Обвинителството тврди дека Шехоли бил регрутиран од БИА и дека извршувал задачи добиени од службеници на српската агенција. Собраните информации и документи наводно ги доставувал преку телефонски пораки.
Покрај шпионажата, Шехоли се товари и за изнудување повеќе од 13.000 евра.
Според обвинението, од 2022 до декември 2025 година тој уценувал лице со иницијали А.Ј., барајќи пари во форма на заем. Наводно се заканувал дека доколку не ги добие парите, во медиумите ќе објави снимки и информации што би можеле сериозно да му наштетат на угледот на лицето.
Шехоли беше приведен во октомври 2025 година под сомнение за шпионажа и во моментов се наоѓа во притвор. Обвинението е доставено до Основниот суд во Приштина.
Случајот е дел од повеќе истраги што косовските власти во последните години ги водат поради сомневања за шпионажа во корист на Србија.
Во јуни 2025 година, Основниот суд во Приштина го осуди Александар Влајиќ на пет години затвор откако се изјасни за виновен за шпионажа. За шпионажа во корист на Србија се обвинети и Бедри Шабани и Мухарем Черими.







