Бројот на жртви од разорниот земјотрес што ја погоди Колумбија се искачи на најмалку 111, додека уште 87 лица се сериозно повредени, според последните информации што ги соопшти претседателот Абелардо де ла Есприеља.
Земјотресот со магнитуда од 7,4 степени предизвикал огромна материјална штета во повеќе делови од земјата. Според првичните податоци, целосно се урнати најмалку 61 објект, а повеќе од 1.575 домови претрпеле сериозни оштетувања, објави 4news.mk.
Епицентарот бил во областа на Сан Хосе дел Палмар, во северозападниот департман Чоко, на околу 240 километри западно од Богота.
Иако главниот град е значително оддалечен од епицентарот, силниот потрес предизвикал паника. Биле активирани системите за итни случаи, граѓаните ги напуштале зградите, а низ улиците се слушале сирени на возилата на итните служби.
Особено тешка е состојбата во Кали, каде според првичните информации се урнале најмалку 20 згради. Постои страв дека конечниот број на уништени објекти може да биде значително поголем, особено во посиромашните населби со понеквалитетно изградени домови.
Во погодените области продолжува мобилизацијата на спасувачките, медицинските и хуманитарните служби. Приоритет е помошта за повредените и обезбедувањето храна, крв и основни средства за граѓаните кои останале без своите домови.
Дополнителна опасност претставуваат можните последователни потреси, поради што населението во погодените региони останува во состојба на висока готовност.










