Зад евтините маици, фармерки и модерни парчиња облека што секојдневно ги купуваме, често се крие сурова реалност за која малкумина размислуваат – милиони деца ширум светот и понатаму работат во тешки и опасни услови, а индустријата на брзата мода останува еден од најголемите проблеми поврзани со детскиот труд.
Според најновите глобални податоци, речиси 138 милиони деца низ светот се вклучени во детски труд. Од нив, околу 59 милиони се девојчиња, а 78 милиони момчиња, што претставува речиси осум проценти од вкупната детска популација во светот.
Најзагрижувачки е тоа што дури 54 милиони деца работат во опасни услови кои сериозно го загрозуваат нивното здравје, безбедност и нормален развој. Дел од нив се помлади од 15 години, а има и деца кои немаат ниту 12 години.
Иако светот бележи одреден напредок во борбата против детскиот труд, проблемот и натаму е далеку од решен.
Во периодот од 2020 до 2024 година бројот на деца вклучени во работа е намален за повеќе од 22 милиони, а бројот на деца кои извршуваат опасни работи е намален за околу 25 милиони. Од 2000 година до денес, глобално има повеќе од 100 милиони помалку деца работници, и покрај растот на светската популација.
Најголем напредок е забележан во Азија и Пацификот, додека и Латинска Америка и Карибите бележат пад на бројот на деца работници. Подсахарска Африка успеала да го запре растот на детскиот труд, но бројките таму и понатаму остануваат многу високи.
Сепак, експертите предупредуваат дека еден од најтешките проблеми останува токму индустријата на брзата мода.
Иако голем број модни компании јавно тврдат дека не користат детски труд, производството на облека често се одвива преку сложени синџири на добавувачи и подизведувачи каде контролите речиси и да не постојат.
Поради тоа, многу деца и понатаму работат во фабрики, мали работилници или дури во домашни услови, извршувајќи задачи како шиење, лепење детали, сортирање материјали и обработка на ткаенини.
Во многу случаи тие работат со часови, за минимални пари и во опасни услови, изложени на прашина, хемикалии и физички напор. Освен тоа, голем број од овие деца се принудени да го напуштат училиштето за да им помогнат финансиски на своите семејства.
Така се создава маѓепсан круг на сиромаштија од кој тешко се излегува.
Организациите за заштита на децата со години предупредуваат дека екстремно евтината и масовна продукција на облека создава огромен притисок фабриките постојано да ги намалуваат трошоците, а токму децата стануваат најевтината и најранливата работна сила.
Поради тоа, сè погласни се барањата за построги контроли, поголема транспарентност во производството, подобри услови за возрасните работници и подобар пристап до образование за децата.
Експертите предупредуваат дека многу потрошувачи и понатаму не знаат кој стои зад облеката што ја купуваат и во какви услови таа се произведува.
Токму затоа, покрај законите и инспекциите, важна улога има и јавната свест. Според организациите за заштита на децата, поодговорното купување и информираноста за потеклото на производите можат да бидат еден од чекорите во намалување на експлоатацијата што и понатаму ја следи модерната модна индустрија.







