Европската Унија од денес официјално воведе нови правила за платформите за краткорочно изнајмување како Airbnb и Booking, со цел да воведе поголема контрола, транспарентност и ред во секторот кој последниве години доживеа огромен раст низ Европа.
Станува збор за Регулативата (ЕУ) 2024/1028, која Европскиот парламент и Советот ја усвоија по долги преговори, а од 20 мај таа почнува да важи во сите земји-членки на Унијата.
Новите правила предвидуваат воспоставување единствени дигитални системи за регистрација на домаќините, како и обврска платформите редовно да доставуваат податоци до надлежните институции.
Тоа значи дека властите ќе имаат пристап до информации за бројот на ноќевања, бројот на гости, регистрациските броеви на сместувачките капацитети и други детали поврзани со изнајмувањето.
Европската комисија ја предложила оваа регулатива уште во 2022 година, во време кога бројни европски градови алармираа дека масовното краткорочно изнајмување создава сериозен притисок врз пазарот на домување и локалната инфраструктура.
Особено погодени биле туристички центри како Париз и Барселона, каде локалните власти предупредувале дека голем број станови се претвораат во туристички сместувања, што ги зголемува цените за жителите и го намалува бројот на достапни домови за локалното население.
Во образложението на регулативата се наведува дека досега постоел сериозен недостаток на сигурни и стандардизирани информации за сопствениците, локациите и времетраењето на изнајмувањето, што им создавало проблеми на институциите при следење на пазарот и носење политики.
Според новите правила, земјите-членки кои сакаат пристап до податоците ќе мора да воспостават единствена дигитална точка за пристап, додека платформите ќе бидат обврзани да ги проверуваат регистрациските броеви и да ги отстрануваат огласите што не ги исполнуваат условите.
Податоците ќе се доставуваат автоматски до надлежните органи, најчесто на месечна основа.
За време на преговорите, европратеници барале уште построги мерки, меѓу кои и можност националните власти да суспендираат регистрациски броеви во случаи на сомнителни или неточни информации.
Конечниот текст на регулативата Европскиот парламент го усвои во февруари 2024 година со огромно мнозинство – 493 гласа „за“, 14 „против“ и 33 „воздржани“.






