ПРВ.мк
Македонија

ЛАЖЕН ЛЕКАР ОД МАКЕДОНИЈА ОСУДЕН НА ЗАТВОР: Со морничава измама зел 56.000 евра од пензионери!

ЛАЖЕН ЛЕКАР ОД МАКЕДОНИЈА ОСУДЕН НА ЗАТВОР: Со морничава измама зел 56.000 евра од пензионери!

Пет и пол години затвор доби измамник од Охрид кој со шокантна телефонска измама успеал да извлече околу 56.000 евра од повозрасни лица, претставувајќи се лажно како лекар.

Станува збор за П.С. од Охрид, кој според пресудата на Основниот суд во Штип, во текот на јануари годинава измамил осуммина пензионери од Штип и Виница.

Осудениот им се јавувал телефонски на постари лица и со внимателно осмислена приказна ги доведувал во паника и страв.

Тој им кажувал дека нивни блиски – деца или внуци – доживеале тешка несреќа, имаат сериозни повреди и дека итно се потребни пари за операција.

Во некои случаи тврдел дека нивната ќерка има скршеница на ногата и дека без итна интервенција животот ѝ е во опасност.

Исплашените пензионери, верувајќи дека спасуваат членови од своето семејство, му давале големи суми пари.

Според судот, со ваквиот начин на измама П.С. за само еден месец успеал да извлече вкупно 3.472.906 денари, односно околу 56.000 евра.

„Телефонски им се јавувал на лица од постара возраст и им прикажувал лажни факти, доведувајќи ги во заблуда дека нивни блиски се тешко повредени и дека се потребни итни пари за операција“, соопшти Основниот суд – Штип.

Судот му изрече казна затвор во траење од пет години и шест месеци, а притворот ќе му биде продолжен сè до правосилноста на пресудата.