ПРВ.мк
Свет

Хаос на границата: Илјадници мигранти препливаа до Шпанија, Сеута бара вонредна состојба (ВИДЕО)

Хаос на границата: Илјадници мигранти препливаа до Шпанија, Сеута бара вонредна состојба (ВИДЕО)

Шпанската енклава Сеута, која се наоѓа на северниот брег на Африка, се соочува со силен мигрантски притисок откако илјадници лица од Мароко во последните денови успеале да стигнат до нејзината територија, најголем дел по морски пат.

Поради влошената состојба, локалните власти побараа од шпанската Влада да прогласи вонредна состојба, додека здружението на припадници на шпанската цивилна гарда (JUCIL) апелираше за итно испраќање на армијата со цел да се воспостави контрола на границата.

Од здружението предупредуваат дека градот се соочува со сериозна безбедносна и хуманитарна криза, наведувајќи дека во изминатите денови во Сеута пристигнале повеќе од 5.000 мигранти, што значително ги надминало можностите на службите за безбедност и итните служби.

Според нив, цивилната гарда располага со околу 550 припадници, бројка што не е доволна за справување со актуелната ситуација. Дополнително, голем дел од расположливите ресурси се ангажирани во спасување на луѓе кои се обидуваат да ја преминат границата по море, особено во близина на плажата Тарахал.

Од JUCIL посочуваат дека се соочуваат и со недостиг на исправни пловила и соодветни возила, што дополнително ја отежнува нивната работа. Поради тоа, предупредуваат дека нивната способност за спречување на шверц со дрога и други криминални активности е значително намалена.

Организацијата наведува дека Центарот за привремен престој на имигранти (CETI) е преполн, а предупредува и на можен недостиг од храна, зголемен број кражби и потенцијални безбедносни инциденти доколку мигрантскиот бран продолжи.

Воедно, потсетуваат дека од почетокот на годината најмалку 30 лица ги загубиле животите во обид преку морето да стигнат до Сеута, што уште еднаш ја покажува опасноста од ваквите мигрантски рути.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА