Големите шумски пожари што ја зафатија канадската провинција Британска Колумбија принудија околу 18.000 жители да ги напуштат своите домови. Канадската федерална влада најави помош за обезбедување сместување и засолниште за лицата погодени од евакуациите.
Пожарот познат како „Балд Ренџ“ ја натера провинциската власт да прогласи вонредна состојба. До саботата навечер, огнената стихија зафатила повеќе од 10.300 хектари, додека пожарникарите продолжуваат со напорите за нејзино ставање под контрола.
Во последните 24 часа пожарите се прошириле во јужните делови на Британска Колумбија, поттикнати од топлото и суво време. Покраинската служба за шумски пожари соопшти дека густата зачаденост и намалената видливост дополнително ја отежнуваат работата на пожарникарите и воздухопловните екипи.
Во гаснењето се ангажирани десет хеликоптери, меѓу кои и летало опремено за изведување ноќни операции. Сепак, густиот чад и пламените јазици создаваат турбуленции, што дополнително го отежнува дејствувањето од воздух.
На терен се ангажирани и меѓународни екипи. Во гаснењето учествуваат 34 пожарникари од Австралија, пет од Нов Зеланд и 214 од Мексико, а во наредните денови се очекува пристигнување на дополнителни тимови кои ќе им помогнат на локалните служби во справувањето со пожарите.







