ПРВ.мк
Свет

Израел останува без медицински кадар: Ново истражување откри загрижувачки бројки

Израел останува без медицински кадар: Ново истражување откри загрижувачки бројки

Ново истражување на Универзитетот во Тел Авив покажува дека најмалку 1.370 лекари го напуштиле Израел во периодот од 2023 до 2025 година, што укажува на значително засилување на одливот на медицински кадар од земјата. Резултатите од истражувањето беа објавени во израелскиот весник „Хаарец“.

Според податоците, во 2023 година Израел го напуштиле 416 лекари, во 2024 година бројката пораснала на 530, додека за 2025 година прелиминарната проценка изнесува околу 419 лекари. Во споредба со периодот 2013–2015 година, бројот на лекари кои заминале е зголемен за околу 94 проценти.

Истражувачите како заминати ги класифицирале лекарите кои во првата година од отсуството поминале повеќе од 270 дена надвор од Израел, а потоа не престојувале во земјата подолго од три последователни месеци.

Посебно загрижува фактот што околу една петтина од лекарите кои заминале биле на возраст од 45 години или повеќе. Станува збор за искусен медицински кадар кој, покрај лекувањето пациенти, има значајна улога и во обуката на помладите генерации лекари.

Одлив е регистриран во практично сите медицински специјалности. Меѓу 2023 и 2025 година заминале 188 хирурзи, 215 специјалисти по интерна медицина, 94 педијатри, 72 гинеколози и 51 психијатар.

Истражувањето покажува дека трендот е значително поизразен отколку пред една деценија, што отвора прашања за долгорочните последици врз израелскиот здравствен систем доколку одливот на медицински кадар продолжи со слично темпо.