ПРВ.мк
Свет

Иран и Турција со голем економски проект: Создаваат заедничка слободна трговска зона

Иран и Турција со голем економски проект: Создаваат заедничка слободна трговска зона

Иран и Турција планираат формирање слободна трговска зона во западниот дел на Иран, во областа Хој, со цел дополнително зајакнување на економската и трговската соработка меѓу двете земји.

Информацијата ја објави иранската државна новинска агенција ИРНА, повикувајќи се на секретарот на Врховниот совет за слободни трговски зони на Иран, Хосеин Форузан.

Форузан, кој ја посетил областа, истакнал дека Хој има значителен економски и сообраќаен потенцијал поради својата географска положба и близината до Турција.

Според него, проектот веќе добил одобрение од иранската влада, а правната рамка за формирање на слободната трговска зона е во процедура.

Следен важен чекор треба да биде формализирањето на соработката меѓу Иран и Турција преку меморандум за разбирање.

Иранскиот претставник нагласил дека за успехот на проектот ќе биде неопходен и развој на соодветна инфраструктура во регионот. Тоа треба да овозможи поголем проток на стоки и дополнително проширување на прекуграничната трговија.

Проектот е дел од напорите на Техеран и Анкара за продлабочување на билатералните економски односи, но зоната сè уште е во фаза на подготовка и правна процедура.