Текст:
Кралската холандска фудбалска асоцијација (KNVB) јавно соопшти дека повеќе нема доверба во раководството на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, повикувајќи на пошироки промени во начинот на кој функционира светската фудбалска организација.
Во соопштението објавено под слоганот „Нашата игра, наша ФИФА, наша иднина“, Холанѓаните нагласуваат дека проблемот, според нив, не се сведува само на една личност.
„Иднината на ФИФА мора да биде поголема од нејзиниот претседател. KNVB повеќе не му верува на раководството на Џани Инфантино. Но, не станува збор само за една личност. Самата ФИФА мора да се промени“, порача холандската федерација.
KNVB бара посилно управување во организацијата, поголема општествена одговорност и повеќе инвестиции во развојот на фудбалот низ целиот свет.
Повик до сите 211 федерации
Холандската федерација упати повик до сите 211 национални фудбалски асоцијации, како и до конфедерациите, за заеднички да започнат разговор за иднината на ФИФА.
Нивната идеја е најпрво да се дефинира нова глобална визија за организацијата, а дури потоа да се разговара за тоа кој треба да ја предводи.
„Прво визија. Потоа кандидат. Време е да се започне разговорот“, се наведува во соопштението.
Ваквата отворена порака на KNVB претставува директен политички притисок врз актуелното раководство на ФИФА и сигнал дека Холанѓаните сакаат поширока дебата меѓу националните федерации за идното управување со светскиот фудбал.







