Репрезентацијата на Србија во баскет 3х3 се повлече од натпреварувањето на Медитеранските игри во Таранто, непосредно пред да го одигра најавениот натпревар против селекцијата на кошаркарската федерација на Косово.
Српската репрезентација според распоредот требало да настапи во саботата против Косово, но до дуелот не дошло. Србија со ждрепка претходно била сместена во Групата Ц, заедно со Косово, Турција и Португалија.
Сепак, на денот кога требало да се одигра натпреварот, српската селекција се повлекла од турнирот и повеќе не била дел од групата.
Засега нема официјално образложение од Кошаркарскиот сојуз на Србија за причините поради кои е донесена одлуката за повлекување. Од друга страна, косовскиот кошаркарски сојуз потврдил дека српската селекција се откажала од настапот.
Овој случај привлече дополнително внимание поради тоа што на овогодишните Медитерански игри веќе имало неколку директни пресметки меѓу спортисти што ги претставуваат Србија и Косово.
УШТЕ НЕКОЛКУ ДУЕЛИ МЕЃУ СРПСКИ И КОСОВСКИ СПОРТИСТИ
Во теквондо, на 22 август се одржале два директни дуели.
Жарко Крајишник во категоријата до 68 килограми го победил Елион Агуши со резултат 2:0. Во категоријата до 57 килограми, Јана Лукиќ била подобра од Рона Гаши, исто така со 2:0.
Вниманието го привлече и боксерското финале во категоријата до 60 килограми. Донјета Садику ја совладала Кристина Кулахова со судиска одлука 4:0 и со победата му го донела на Косово првиот медал на Медитеранските игри.
Кулахова, која е Русинка и настапува за Србија, не се појавила на церемонијата за доделување на медалите.
Директен дуел имало и во џудо. Михајло Симин во четвртфиналето во категоријата до 81 килограм, по продолжение на борбата, го совладал Даран Цену.
БАСKЕТ 3Х3 ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ СЛЕДНИОТ ДУЕЛ
По сите овие средби, вниманието било насочено кон баскетот 3х3, каде Србија и Косово требало да се соочат во рамките на Групата Ц.
Натпреварот сепак не се одиграл, бидејќи Србија пред почетокот на средбата се повлекла од понатамошното учество на турнирот.
Засега останува непознато дали српската селекција ќе даде дополнително објаснување за одлуката. Факт е дека со нејзиното повлекување, најавениот натпревар против Косово не се одигра, со што уште еден потенцијално чувствителен спортски дуел меѓу двете страни остана без епилог на теренот.









