ПРВ.мк
Култура

ТРАГЕДИЈА ВО МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР: Почина еден од најпознатите режисери и драматург!

ТРАГЕДИЈА ВО МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР: Почина еден од најпознатите режисери и драматург!

На 55-годишна возраст почина актерот, режисер и драматург Кирил М. Петрески, соопшти Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Петрески од 2013 година беше дел од колективот на НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“, каде што професионално работеше како драматург и режисер. Од установата велат дека со својата посветеност и долгогодишна работа оставил значаен белег во развојот на прилепскиот театар, но и пошироко во македонскиот театарски живот.

Кирил М. Петрески своето образование го стекнал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Слободан Унковски. За дипломска претстава ја поставил „Куќата на храбриот Најме“ од Руждије Богдаховски.

РЕЖИСЕРСКИОТ ПОТПИС ГО ОСТАВИ И ВО ПРИЛЕП

Во Театарот „Војдан Чернодрински“ Петрески ги режирал претставите „Уште еднаш од почеток“ од Харолд Пинтер, „На трета мајка“ од Петар Петрески и „Духот“, работена според делата на Војдан Чернодрински и Горан Стефановски.

Неговата професионална работа не била ограничена само на режијата. Како актер настапувал во бројни театарски продукции и оставил свој белег преку различни улоги.

Меѓу претставите во кои играл се „Сатирикон или големата гозба“, „ММЕ кој прв почна“, „Роберто Зуко“, „Четвртата сестра“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Сонот на Цепенков“, „Хамлет од Долно Мрдуша“, „Демократија“ и „Учениот“.

РАБОТЕЛ И ВО КУМАНОВСКИОТ ТЕАТАР

Петрески бил активен и надвор од прилепската театарска сцена. Во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Театар Куманово ги поставил претставите „Варијации: Диви пајки“ и „Не играј на Англичани“.

Во 2010 година бил дел и од официјалната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, каде што ја режирал претставата „На дното“, според истоименото дело на Максим Горки.

Неговата работа опфаќала повеќе аспекти на театарската уметност – од режија и драматургија до актерска игра, што го правело препознатлив дел од македонската театарска сцена.

Од Театарот „Војдан Чернодрински“ со жалење се простија од својот колега, нагласувајќи дека неговото заминување претставува голема загуба за прилепскиот театар и за македонската театарска сцена.

„Неговото прерано заминување е голема загуба за Театарот ‘Војдан Чернодрински’ и за македонскиот театар воопшто. Нека почива во мир“, порачаа од установата.