Македонската таеквондистка Миљана Рељиќ оствари уште еден голем меѓународен успех, освојувајќи бронзен медал на Отвореното Светско првенство за жени Г-4 во Таијуан, Кина.
Рељиќ настапи во категоријата до 62 килограми, во која конкурираа вкупно 43 натпреварувачки.
Македонската репрезентативка одлично го започна турнирот и во првото коло со 2:0 во рунди ја совлада домашната натпреварувачка Јијао Санг од Кина.
Во следната борба ја победи Мохидил Уктамјонова од Узбекистан со 2:1, а во пресметката која директно носеше медал беше подобра од Чиа Веи Ванг од Тајпеј, повторно со 2:1 во рунди.
Со трите последователни победи Рељиќ обезбеди место во полуфиналето и најмалку бронзен медал.
Таму за противничка ја имаше Софија Мотлок од Русија. Во исклучително неизвесна борба, Рељиќ беше блиску до пласман во големото финале, но на крајот загуби со 1:2 во рунди.
Сепак, бронзениот медал претставува одличен резултат за македонската таеквондистка, особено во силната конкуренција од 43 натпреварувачки.
Со овој настап Рељиќ освои и дополнителни 14,4 ранкинг-поени, кои според информациите од нејзиниот тим треба значително да ја подобрат нејзината позиција на олимписката ранг-листа.
Главната цел останува пласман на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, а бронзата од Кина е уште еден важен чекор на тој пат.








