ПРВ.мк
Црна Хроника

Македонско семејство завиено во црно: Две деца и баба загинаа на автопат

Македонско семејство завиено во црно: Две деца и баба загинаа на автопат

Три човечки животи згаснаа во тешката сообраќајна несреќа на автопатот А1 во Словенија. Меѓу загинатите се две деца на возраст од четири и 11 години и нивната 74-годишна баба, сите македонски државјани.

Станува збор за семејство по потекло од селото Житинени во Општина Центар Жупа, кое живеело во Равена, Италија.

Во автомобилот во моментот на несреќата биле пет лица – двете деца, нивните родители и бабата.

Според информациите од словенечките надлежни служби, автомобилот удрил во задниот дел од приколка на камион кој поради дефект бил запрен во просторот за принудно запирање. Причината поради која автомобилот удрил во камионот сè уште се утврдува.

Двете деца и 74-годишната жена починале на местото на несреќата.

Триесет и тригодишната мајка се здобила со тешки повреди и со хеликоптер била пренесена во болница, додека 39-годишниот татко бил пренесен со возило на Итната медицинска помош. Возачот на камионот во моментот на судирот не бил во кабината и не бил повреден.

Трагедијата длабоко ја потресе Општина Центар Жупа. Градоначалникот Аријан Ибраим за МИА изјави дека нема зборови со кои може да се опише тагата што ја предизвикала несреќата.

„Семејството е по потекло од село Житинени, а живеат во Равена, Италија. Се молиме за закрепнување на другите две повредени лица“, изјави Ибраим.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија претходно потврди дека во несреќата загинале тројца македонски државјани – едно полнолетно и две малолетни лица.

Словенечките надлежни институции продолжуваат со истрагата за да се утврдат точните причини и околности што довеле до трагичниот судир.