Македонската женска одбојкарска репрезентација ја забележа првата победа на Медитеранските игри во Таранто, откако во последното коло од групната фаза го совлада Алжир со 3:1 во сетови.
„Црвено-жолтите“ одлично го отворија натпреварот и првиот сет го добија убедливо со 25:10. Алжир возврати во неизвесниот втор сет со 27:25, но македонските одбојкарки потоа повторно ја презедоа контролата.
Третиот сет Македонија го доби со убедливи 25:14, а победата беше потврдена во четвртиот со 25:20 за конечни 3:1.
Најефикасна во македонскиот состав беше Андротеа Милевска со 21 освоен поен. Тамара Атанасова додаде 15, додека Ива Стојковска натпреварот го заврши со 14 поени.
Македонија претходно забележа порази од Грција, Косово и Турција, а со победата над Алжир групната фаза ја заврши на четвртото место со биланс од една победа и три порази.









