ПРВ.мк
Свет

Грција сериозно ја разгледува нуклеарната опција – еве што следува

Грција сериозно ја разгледува нуклеарната опција – еве што следува

Грчката влада официјално го започна процесот за разгледување на можноста нуклеарната енергија да стане дел од долгорочното енергетско планирање на земјата.

На седница одржана на 30 јули, кабинетот го одобри формирањето на меѓуминистерски комитет кој ќе ги анализира сите аспекти поврзани со евентуален развој на нуклеарна програма. Овој чекор следува по најавата што премиерот Киријакос Мицотакис ја даде во март во Париз.

Во првата фаза, комитетот ќе треба детално да ги процени техничките, економските, еколошките, институционалните и општествените аспекти на користењето нуклеарна енергија. Врз основа на тие анализи, грчките власти ќе одлучат дали земјата ќе продолжи со понатамошни чекори.

Според официјални извори, процесот ќе се спроведува согласно стандардите и процедурите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Од грчката влада нагласуваат дека формирањето на комитетот не значи дека е донесена одлука за изградба на нуклеарна централа, туку претставува институционален процес за собирање информации и изработка на анализи што ќе овозможат идните одлуки да бидат донесени врз основа на стручни проценки.