Истражување спроведено од „Гардијан“, „Watershed Investigatives“ и „Investigate Europe“ открива загрижувачки податоци за Европа: илјадници депонии се лоцирани во подрачја подложни на поплави, што го зголемува ризикот токсичниот отпад да заврши во вода за пиење и природните екосистеми.
Од 61.000 депонии мапирани низ Велика Британија и Европа, околу 28% се наоѓаат во ризични зони, а вистинскиот број на опасни локации може да достигне и до 140.000. Професорот Патрик Бирн од Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул предупредува дека почестите и поинтензивните поплави предизвикани од климатските промени само го зголемуваат ризикот од ослободување на токсични хемикалии и тешки метали во животната средина.
На некои депонии биле пронајдени високи нивоа на „вечни хемикалии“ PFAS и полихлорирани бифенили (PCB). Во Чешир, PFAS биле 20 пати над дозволените граници за вода за пиење, додека во Грција биле регистрирани високи нивоа на PFA, како и истекување на жива и кадмиум во реката Недонтас.
Повеќе од половина од мапираните депонии се наоѓаат во зони каде подземните води веќе не ги исполнуваат хемиските стандарди, што покажува дека историските депонии веќе влијаат на контаминацијата на водата.
Европските експерти предупредуваат дека фрагментираните и непотполни податоци за депониите ја отежнуваат проценката и управувањето со ризикот, додека нелегалното фрлање отпад продолжува да биде сериозен проблем во многу земји.
Долгорочно решение вклучува подобро мапирање на депониите, строго управување со хемикалиите и инвестирање во рециклирање и намалување на отпадот. Но прашањето останува: дали Европа навистина е подготвена да го спречи следниот голем еколошки шок?

















