Владите ширум Европа и светот сè почесто ги повикуваат граѓаните да не чекаат да се случи криза за да почнат да се подготвуваат. Поради зголемените стравувања од воени конфликти, природни катастрофи и можни кибер-напади, препораката е домаќинствата да обезбедат основни залихи од храна, вода, лекови и неопходна опрема за итни ситуации.
Времетраењето за кое се препорачува да бидат обезбедени резервите се разликува од држава до држава, но во голем број земји фокусот е ставен на подготовка за најмалку 72 часа, односно три дена.
Особено внимание на цивилната заштита се посветува во Европа, пред сè во државите што се наоѓаат во близина на Русија. Таму се обновуваат и модернизираат засолништата, се подготвуваат планови за евакуација и се зголемуваат националните резерви.
Причината за ваквиот пристап се стравувањата дека ескалација на вооружените конфликти, големи природни непогоди или напади врз критичната инфраструктура би можеле сериозно да го нарушат секојдневното функционирање на државите. Затоа, целта е домаќинствата да можат самостојно да ги задоволат основните потреби во првите денови од евентуална криза.
Како што пренесува глобалната мрежа „CNBCTV18“, владите на Велика Британија, Соединетите Американски Држави, Јапонија и повеќе европски земји ги повикуваат граѓаните сериозно да ги сфатат препораките и да имаат резерви за најмалку 72 часа.
Овој период од три дена се смета за особено важен бидејќи при голем прекин на електричната енергија, екстремни временски непогоди или кибер-напад, службите за итна помош можеби нема да можат веднаш да стигнат до сите граѓани. Во такви околности, приоритет ќе бидат најитните случаи, како и одржувањето на функционирањето на болниците и другите клучни служби.
Кои држави бараат граѓаните да создадат залихи?
Британската влада во октомври повторно ја активирала кампањата „Be Ready“, односно „Бидете подготвени“, со која домаќинствата се повикуваат да чуваат тридневни резерви од основните потреби за случај на прекин на вообичаените услуги.
Во британската Стратегија за национална безбедност за 2025 година, како главни причини за загриженост се наведуваат руската агресија, непријателските кибер-активности и саботажите.
Сличен пристап има и Европската Унија. Во март 2025 година беше усвоена Стратегијата на Унијата за подготвеност („Preparedness Union Strategy“), со која на граѓаните им се препорачува да бидат подготвени да се потпрат на сопствените залихи најмалку 72 часа во случај на вонредни околности.
Според анализата на американскиот магазин „Newsweek“, различни држави имаат различни препораки за тоа колку долго треба да траат домашните резерви.
Канада, Јапонија, Мексико и Холандија советуваат граѓаните да имаат комплет за итни случаи што ќе им биде доволен за 72 часа. Други земји препорачуваат подолг период на самостојна подготвеност.
Шведска и Норвешка ги советуваат своите жители да обезбедат залихи за приближно една недела, додека Германија препорачува резерви што би можеле да траат до 10 дена.
Од друга страна, Индија и САД даваат поопшти насоки. Американското Министерство за внатрешна безбедност ги повикува граѓаните да имаат сопствени резерви од храна, вода и други неопходни производи за период од „неколку дена“.
Зошто особено се подготвуваат земјите во близина на Русија?
Повици за поголема подготвеност неодамна упати и францускиот регион Нормандија преку социјалните мрежи, со пораката: „Не чекајте вонредна состојба: подгответе се сега!“.
Сепак, најизразени промени во областа на цивилната заштита се забележуваат во земјите што се наоѓаат во близина на Русија.
Според „CNBCTV18“, Финска, Шведска, Полска, Естонија, Летонија и Литванија значително ги прошириле своите системи за цивилна заштита по почетокот на руската инвазија врз Украина. Овие држави работат на забрзано обновување на засолништата, подготвување планови за евакуација и обука на цивилното население.
Финска ги зголемила државните резерви на жито до ниво што може да ги покрие потребите за дури девет месеци. Полска, пак, во 2025 година усвоила нов закон за цивилна одбрана.
Загриженоста на овие земји не е ограничена само на можноста од конвенционална воена инвазија. Напади врз електроенергетските мрежи, транспортните системи и комуникациската инфраструктура би можеле да предизвикаат сериозни последици и да го парализираат функционирањето на една држава, дури и без војници да ја преминат нејзината граница.
Што треба да содржи домашниот комплет за итни случаи?
Иако државите имаат различни препораки за времетраењето на резервите, упатствата за тоа што треба да се чува во еден основен комплет за итни ситуации се речиси исти ширум светот.
Владите препорачуваат домаќинствата да обезбедат:
- Трајна храна што може да се чува подолг период.
- Флаширана вода за пиење.
- Основни лекови и неопходни медицински средства.
- Батерии и батериска ламба.
- Радио на навивање или на батерии.
Поранешниот заменик-директор на американското Федерално истражно биро (FBI), Ден Бонгино, неодамна во својот подкаст ги предупредил граѓаните дека подготовката е важна за да се избегне паника во нестабилни времиња.
Слична порака испратил и британскиот политичар Енди Барнам, кој во изјава за радио „BBC“ низ насмевка открил дека и самиот има одредени резерви дома.
„Сакам грав, па имам многу во шкафот, како и супи. Мислам дека тоа се работи што би им препорачал на луѓето да ги имаат“, изјавил Барнам.
И воените бази се подготвуваат за подолг прекин на снабдувањето
Покрај препораките наменети за цивилното население, државите преземаат мерки и за поголема самостојност на воените капацитети.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет кон крајот на септември ја претставил иницијативата „FORTRESS“, со која се предвидува американските воени бази да имаат капацитет да функционираат самостојно цели 90 дена, без надворешно снабдување.
Целта на оваа иницијатива е базите да можат да продолжат со работа доколку за време на конфликт дојде до прекин на синџирите на снабдување.
И покрај зголемените подготовки, официјалните лица нагласуваат дека нема докази оти Третата светска војна е на повидок. Како што пренесува „CNBCTV18“, планирањето за најлошото можно сценарио не значи дека такво нешто се предвидува или дека кризата е неизбежна.
Пораката на владите е дека подобро е домаќинствата навреме да бидат подготвени, отколку да чекаат да се случи вонредна состојба, кога можностите за снабдување и добивање помош може да бидат ограничени.
За граѓаните, препораката е да имаат доволно вода, храна и лекови за неколку дена, да знаат како преку радио да ги следат официјалните предупредувања и однапред да се запознаат со локалните процедури што треба да се следат во случај на опасност.






