Вршителот на должноста претседател на Бугарија, Илијана Јотова, победи на претседателските избори чиј втор круг се одржа во неделата, според денеска објавените податоци на Централната изборна комисија по обработката на 100 отсто од гласовите.
Јотова (62), поранешна новинарка и членка на Европскиот парламент, според конечните резултати доби 57,57 отсто од гласовите, додека нејзиниот главен конкурент, поранешниот вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров, освои 39,48 отсто, пренесуваат бугарските „Новините“.
И излезните анкети синоќа покажаа дека победата ја однесе Јотова, која им се заблагодари на граѓаните и политичките партии кои ја поддржаа нејзината кандидатура, оценувајќи дека гласачите му дале предност на дијалогот, соработката и координацијата меѓу институциите во однос на конфронтацијата и поделбите.
Таа истакна дека секој глас е важен и дека претстои сериозна анализа на загриженоста и очекувањата на граѓаните.
Проруски ориентираната Јотова, која себеси се опишува како „претседателка на мирот“, својата предизборна кампања ја оцени како позитивна, наведувајќи дека нејзиниот тим не користел говор на омраза, конфронтација и реторика на поделби.
Според нејзините зборови, разговорите со граѓаните биле насочени кон прашањата за приходите, мирот и предизвиците со кои се соочува Бугарија, пренесе бугарскиот „Јуроњуз“.
Јотова ја критикуваше кампањата на својот противкандидат Андреј Ѓуров, поставувајќи го прашањето кој го насочувал кон, како што оцени, изразито напаѓачкиот тон кон неа и нејзиниот претседателски тим.
— Граѓаните со своите гласови порачаа дека не сакаат таква политика. На изборите во Бугарија тоа е недозволиво. Ја поддржаа политиката на дијалог и барање решенија, со координација со институциите за да се донесат добри одлуки, а не политиката на опструкција на сите останати — рече Јотова.
Таа истакна и дека Ѓуров телефонски ѝ ја честитал победата на претседателските избори, наведуваат бугарските „Новините“.







