ПРВ.мк
Македонија

МОРБИЛИ ВО МАКЕДОНИЈА: Потврдени четири случаи, меѓу заразените има и две бебиња – министерот со итен апел до граѓаните!

МОРБИЛИ ВО МАКЕДОНИЈА: Потврдени четири случаи, меѓу заразените има и две бебиња – министерот со итен апел до граѓаните!

Во Македонија се потврдени четири случаи на морбили, од кои три кај македонски државјани и еден кај странски државјанин. Меѓу домашните случаи има две бебиња помлади од 12 месеци и едно лице постаро од 40 години. Сите тројца македонски пациенти се невакцинирани, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.

Според информациите што ги соопшти министерот, заразените македонски државјани се од Велес, Штип и Скопје. Тој објасни дека бебињата помлади од една година сè уште не се опфатени со редовниот календар за вакцинација против морбили, па нивната заштита во голема мера зависи од тоа дали луѓето во нивната непосредна околина се вакцинирани.

Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје во моментов ги завршуваат епидемиолошките анализи, со цел да се утврди дали постои поврзаност меѓу регистрираните случаи. Клековски нагласи дека засега нема услови за прогласување епидемија во земјава.

„Имаме први случаи и тоа што го правиме во услови на епидемија во Косово и Бугарија е да повикуваме на претпазливост кај граѓаните и кај институциите“, изјави министерот.

Тој ги повика граѓаните да го проверат својот вакцинален статус и да се уверат дека примиле две дози вакцина против морбили или дека ја прележале болеста. Посебно внимание им посвети на здравствените работници, кои поради секојдневниот контакт со пациенти имаат поголем ризик од изложеност на вирусот.

Клековски предупреди дека морбилите се исклучително заразно заболување. Лицата кои имаат температура и осип не треба самостојно и директно да одат во здравствените установи, туку најпрво треба телефонски да контактираат со својот лекар.

„Секое одење во чекалница го зголемува ризикот од проширување на сипаниците. Главна контакт-точка за сипаниците се, во основа, чекалниците во здравствените установи“, посочи министерот, додавајќи дека вирусот може да остане активен во воздухот околу два часа.

Протоколи за болниците, градинките и училиштата

Институтот за јавно здравје веќе подготвил протоколи за здравствените установи, а од здравствените работници е побарано да го проверат сопствениот вакцинален статус.

Упатства се доставени и до градинките и училиштата преку надлежните министерства, а подготвени се и посебни протоколи за граничните премини.

Министерот упати апел и до граѓаните кои планираат да патуваат во Косово и Бугарија, каде што е прогласена епидемија на морбили, пред заминувањето задолжително да проверат дали се соодветно вакцинирани.

Тој потврди дека тројцата заразени македонски државјани не патувале во странство. Поради тоа, надлежните институции ги испитуваат можностите за нивна меѓусебна поврзаност во земјава. Истовремено, се одржува комуникација со Косово во врска со случајот на странскиот државјанин.

Едно од заразените бебиња било хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести, но во меѓувреме било отпуштено на домашно лекување и, според информациите, е во добра здравствена состојба.

По наредба на Министерството за здравство, Клиниката за детски болести се подготвува за прием и третман на вакви случаи, бидејќи Клиниката за инфективни болести не е оспособена за лекување бебиња.

Комисијата за заразни болести веќе заседава, има 14.000 вакцини на залиха

Комисијата за заразни болести веќе одржува состаноци по појавата на првите случаи. Една од препораките е зголемена претпазливост и внимателност кај граѓаните и институциите, особено во градинките и училиштата, каде што има поголем број деца во непосреден контакт.

„Сега е до нас да направиме сè овие три случаи да не станат повеќе случаи“, порача Клековски.

Министерот информираше и дека во моментов државата располага со 14.000 вакцини против морбили, а постои можност нивните количини дополнително да се зголемат.

За споредба, при претходните прогласувања на епидемии биле употребени околу 50.000 вакцини. Според објаснувањето на министерот, најголем дел од нив биле потребни поради заостанување во процесот на вакцинација кај претходните генерации.

Најнови вести