Денеска беше отворен стручниот панел посветен на Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест, каде што беа истакнати клучните предизвици со кои се соочуваат пациентите и нивните семејства.
Зад секоја дијагноза стои цело семејство – во нашата земја има околу 24.000 регистрирани лица со деменција и околу 8.000 сограѓани кои се борат со Паркинсонова болест. Најголемиот дел од нив се згрижени во нивните домови од страна на најблиските.
Главниот фокус на панелот беше ставен на воведување две современи терапии од европската пракса:
- Длабока мозочна стимулација (DBS) за Паркинсонова болест: Досега пациентите се упатуваа на овој третман во странство (околу 10 пациенти во период од 2 години). Сепак, веќе постојат техничките предуслови на клиниките за неврологија и неврохирургија за ова да се реализира кај нас.
- Антиамилоидни терапии за раната фаза на Алцхајмеровата болест.
Прашањето не е само дали овие терапии ќе се воведат, туку како тоа да се направи безбедно, стручно и одржливо – со обучени тимови, соодветна дијагностика и редовно следење. Од струката се очекуваат конкретни препораки за понатамошните чекори.
Упатена беше посебна благодарност за поддршката и соработката до проф. д-р Звездан Пиртошек и проф. д-р Дејан Георгиев од УКЦ Љубљана, Меѓународното здружение за паркинсонова болест, домашните клиники за неврологија и неврохирургија, како и до проф. д-р Габриела Новотни.
Целта е јасна – поквалитетна нега за секој пациент, секој ден.






