Американскиот конзервативен политички коментатор и поранешен водител на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, објави на социјалната мрежа X дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во наредните неколку дена би можела да започне нуклеарен напад врз Иран. Според неговите тврдења, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху силно притиска врз Трамп за да одобри таков напад.
Карлсон е еден од најпознатите американски конзервативни коментатори.
Во опширната објава, Карлсон тврди дека мета на можниот нуклеарен напад би била иранска постројка, длабоко закопана во планина во близина на нуклеарниот комплекс Натанц.
Според неговите зборови, израелските разузнавачки служби веруваат дека Иран таму повторно го стартувал програмот за обогатување ураниум. Карлсон тврди дека американската војска нема конвенционално оружје што би можело да пробие околу 90 метри гранит и да ги уништи подземните тунели.
Поради тоа, смета Карлсон, единственавоена можност за целосно уништување на постројката би бил нуклеарен напад.
— Биби поради тоа секојдневно го повикува Трамп — напиша Карлсон, повикувајќи се на неименуван извор запознаен со ситуацијата.
Неговите тврдења за притисокот на Нетанјаху и можниот нуклеарен напад засега не се независно потврдени.
Карлсон тврди дека Нетанјаху настојува да поттикне нов напад врз Иран за да ја спаси својата политичка иднина.
— Нетанјаху е сатеран во ќош и е очаен. По изборните резултати од минатата недела, тој не може да состави влада освен ако Трамп директно не интервенира во израелската политика и не посредува во договор со другите партии што на Нетанјаху би му обезбедил 61 место во Кнесетот — напиша тој.










