Во Летонија денеска беше прогласена воздушна опасност од повисок, портокалов степен за регионите Луџа и Краслава, откако радарските системи регистрираа влез на неидентификуван летечки објект – најверојатно беспилотна летелица – која ја минала летонско-руската граница, пренесуваат летонските медиуми.
Националните вооружени сили итно испратија предупредувања преку мобилните телефони до жителите на загрозените подрачја, советувајќи ги веднаш да побараат безбедно засолниште во затворени простории. На граѓаните им беше препорачано применување на таканареченото „правило на два зида“, кое предвидува сместување во внатрешните простории на објектите кои се одвоени од надворешната средина со најмалку два цврсти ѕида како заштита од евентуални експлозии или кршење на стакла.
Брза реакција и координација со НАТО
Воените структури информираа дека ситуацијата целосно и непрекинато ја прателе одбранбените сили во тесна соработка со сојузниците од НАТО.
Воздушната опасност сепак траела релативно кратко, а воените власти набрзо ја укинаа узбуната откако било потврдено дека заканата е неутрализирана и дека опасноста е конечно мината.
Од летонската армија потсетуваат дека ваквите инциденти и нарушувања на воздушниот простор на балтичките земји станаа зачестена појава поради воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, поради што безбедносните служби одржуваат високо ниво на зголемена готовност.









