ПРВ.мк
Свет

ЕУ воведува нови правила за патување – отпечатоци и фотографија на граница!

ЕУ воведува нови правила за патување – отпечатоци и фотографија на граница!

Македонските граѓани што планираат да патуваат во Европската Унија наскоро ќе се соочат со нови и построги правила на границите. Од 12 октомври 2025 година, ЕУ официјално почнува со примена на новиот Систем за влез и излез (Entry/Exit System – ЕЕС), кој ќе го замени досегашното удирање печати во пасошите. Овој дигитален систем ќе ја бележи секоја посета на државјани од земји кои не се членки на ЕУ – како Македонија – преку биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија на лицето. Промената е дел од поголема иницијатива наречена „паметни граници“, со која Европската Унија има цел да ја зголеми безбедноста и да го намали злоупотребувањето на визна слобода.

За македонските граѓани тоа значи дека уште при првото влегување во која било од 29-те земји од шенген-зоната, ќе мора задолжително да се регистрираат со давање отпечатоци и фотографија. Сите овие податоци ќе бидат дигитално евидентирани, со што ќе се елиминира потребата од физичко удирање печат. Од тој момент натаму, секој влез или излез од ЕУ ќе се бележи автоматски, а системот ќе следи и дали се почитува дозволениот престој од максимум 90 дена во секои 180 дена.

Иако оваа промена ќе започне од октомври, нејзиното целосно воведување ќе трае шест месеци, во кои системот ќе се активира постепено низ сите гранични премини. Европските власти велат дека новиот пристап ќе им овозможи полесно да идентификуваат патници кои го надминуваат дозволениот престој или се обидуваат да влезат со лажни податоци. Дополнително, ова ќе помогне во борбата против тероризмот и криминалот, тврдат од Европската комисија.

За граѓаните на Македонија, кои сè уште патуваат без виза во ЕУ, ова претставува значајна промена на досегашната практика. Секој што патува во туристички, деловни или приватни цели ќе мора да помине низ нови процедури – и да биде подготвен на подолго задржување на граничните премини во првите месеци од имплементацијата.

ЕУ најавува дека ова е само првиот чекор кон дигитализација на патничките контроли, и во блиска иднина се очекува и дополнителен систем – ETIAS, кој ќе бара и онлајн регистрација пред патување.

Од октомври – патувањето во ЕУ нема да биде исто. Спакувајте го пасошот, но и – насмевката за камерата!

Escape