ПРВ.мк
Македонија

Млади брачни парови во Гази Баба ќе градат куќи без да плаќаат комуналии – нова мерка на Стефковски!

Млади брачни парови во Гази Баба ќе градат куќи без да плаќаат комуналии – нова мерка на Стефковски!

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, објави нова олеснителна мерка за млади брачни парови до 29 години – ослободување од трошоци за комуналии при градба на куќа, што ќе важи во рамки на локалната самоуправа. Оваа иницијатива, според него, е првиот од низата проекти кои ќе бидат дел од неговата изборна програма за нов мандат како градоначалник.

На јавен настан одржан во Хиподром, Стефковски го промовираше „Караванот на идеи“ под мотото „Твоја идеја, заедничка иднина – за Гази Баба која повеќе не запира“. Настанот, како што кажа, претставува директна врска со граѓаните и собирање идеи кои ќе го оформат неговиот следен план за општината.

„Од срце им благодарам на жителите на Хиподром за нивната масовна поддршка и сите искрени размислувања што ги споделија со нас. Тие идеи и реални потреби ќе бидат темелот на новата програма“, порача Стефковски.

Првиот најавен проект – ослободување од комуналии за млади брачни парови – има за цел да ја олесни изградбата на сопствен дом и да ги охрабри младите да останат во општината, да формираат семејства и да ја гледаат својата иднина тука.

„Оваа мерка е директна поддршка за младите. Создаваме услови тие да останат тука и да ја градат својата иднина во Гази Баба. Испраќаме силна порака: младите се наш приоритет“, изјави Стефковски.

Вториот најавен проект е изградба на нова детска градинка во населбата Хиподром 2, што, според него, е одговор на зголемените потреби на младите семејства во овој дел на општината.

„Населбата расте, а со неа и бројот на млади семејства. Оваа градинка е директна реакција на нивните барања – нудиме квалитетна грижа и воспитание за децата, блиску до нивниот дом“, објасни градоначалникот.

Стефковски додаде дека поддршката од граѓаните секојдневно се зголемува, а „Караванот на идеи“ ќе продолжи низ целата општина.

„Луѓе од сите возрасти, етнички заедници и политички убедувања се приклучуваат. Обединети сме околу едно – сакаме Гази Баба да продолжи напред“, заклучи тој.

Escape